Наставата со физичко присуство ќе го загрози здравјето на учениците и наставниците, сметаат од Синдикатот за образование, наука и култура. Претседателот, Јаким Неделков е против владината одлука. Бара второто полугодие да почне онлајн барем во првите две недели.
Неделков, за ТВ21 изјави дека Владата треба да ја преиспита одлуката, бидејќи, како што вели, ковид-состојбата не е најповолна за учениците да се вратат во школските клупи. Наставниците се вакцинирани или го прележале вирусот, но искуството покажува дека можат да се заразат повторно, објаснува претседателот на СОНК.
СОНК своето барање го достави до МОН и очекува да се сретнат со новиот министер Јетон Шаќири, кој пак, вчера рече дека најважно е здравјето на учениците и просветните работници. Во врска со реакцијата на Синдикатот, од МОН за ТВ21 велат дека одлуката произлегла од предлогот на Комисијата за заразни болести како надлежен орган и дека второто полугодие ќе стартува на 1-ви со физичко присуство. Инаку, Владата вчера донесе одлука учениците од понеделник да почнат со настава со физичко присуство, по зимскиот распуст кој беше продолжен за 10 дена поради епидемиолошката состојба. Продолжувањето на распустот дојде по предлог на Кризниот штаб, а Комисијата за заразни болести излезе со став дека учениците треба да се вратат на училиште на 20 јануари.
