Сообраќајниот хаос почнува од Општина Тетово – од општината велат дека подготвуваат план за наоѓање решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во општинскиот совет на Тетово денеска се зборуваше за можните решенија на сообраќајниот хаос во градот , и додека внатре се дискутираше оваа проблематика, надвор, токму пред објектот на општината беше создаден хаос од лошо паркирани автомобили, оставени среде улица.

Од Секторот  за патен сообраќај велат дека надлежна е општина  Тетово за решавање на хаосот. Зоран Талев   вели дека има недостиг од возила на пајак  службата, паркинг места како и  сообраќајни инспектори за контрола на такси возилата и комбињата.

Од општина Тетово решението го гледаат во уредување на урбанистичкиот план и отворање   нови паркинг места.

„Ние сме во фаза на подготовка на планови за решавање на проблемот, но тоа не се прави преку ноќ, хаосот кој се создава неколку години и во недостиг на генерален урбанистички план   и  проект за сообраќајот, бара време од страна на  нашиот сектор  за подготовка и избор на истите“, истакна Мемет Јонузи.

Честопати кога е отежнат сообраќајот во Тетово, за да се помине улица од 3,5 км   од едната до другата страна на градот, потребни се 45 минути.