Соработниците на Трамп даваат оставки по насилството во Вашингтон

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дел од членовите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и блиските соработници поднесоа оставки или објавија оставки денеска, еден ден откако приврзаниците на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот, а неговиот секретар за домашна безбедност го замоли да го осуди насилството на неговите приврзаници.

„Рајан Тули, главниот советник на Доналд Трамп за односи со Русија, поднесе оставка, а повеќе членови на Советот за национална безбедност се очекува да дадат оставка“, изјави висок претставник на американската администрација.

Официјален претставник кој побара да не биде именуван, рече дека ветувањето на Трамп за „правилен трансфер на власта“ на новоизбраниот претседател eо Бајден на 20 јануари делумно имало за цел да запре повеќе оставки, но веројатно нема да спречи заминување на некои функционери.

Вршителот на должноста секретар за домашна безбедност Чад Волф денеска го повика Трамп да го осуди насилството на неговите приврзаници кои се обидоа да ја спречат потврдата на изборната победа на Бајден во Конгресот, што Трамп неосновано го оспорува.

„Видовме како некои приврзаници на претседателот се обидуваат да ги постигнат своите политички цели со насилство. Тоа е неприфатливо“, рече Волф во изјавата, но додаде дека не поднесува оставка.

„Овие акти на насилство се неодбранливи и ги замолувам претседателот и сите избрани службеници силно да го осудат насилството што се случи вчера“, рече Волф.

Стефани Гришам, шефот на канцеларијата на првата дама Меланија Трамп и поранешен секретар на Белата куќа за односи со медиумите, поднесе оставка во средата попладне по немирите.