Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија: „Слободата на говорот е важна, подеднакво како што е важна и слободата после говорот“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во рамките на дискусијата на 24. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Северна Македонија, со кој копретседаваат пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер, пратениците од Македонското собрание и од Европскиот парламент разговараа на повеќе прашања, меѓу кои и на темите Фундаментални права и слобода на говорот и Владеење на правото и борбата против корупцијата.

Пратеничката Славјанка Петревска нагласи дека кога зборуваме за основните права и слободата на говорот, мора да сме свесни дека не смееме суштината и целта на овие темели да ја замениме со статистика и листа на завршени обврски.

„Суштината е многу позначајна од бројките. Македонија ќе продолжи со подобрувањето на легислативата и нејзината имплементација, но не смееме да заборавиме дека слободата на говорот е важна, подеднакво како што е важна и слободата после говорот. И тоа е важно и во Македонија, но и тука во Европскиот парламент и во земјите членки. Кога некој ќе ја каже вистината или ќе се заложи, ќе поддржи политика на интеграција, наместо поделби не треба да биде предмет на црна кампања и дезинформации, зошто тие се современите убијци на слободата на говорот“, истакна Петровска.

Во однос на Владеењето на правото и борбата против корупцијата пратеничката Жаклина Пешевска оцени дека во изминатиот период и на ниво на законодавна и на ниво на извршна власт постигнати се значајни исчекори, кои ќе овозможат унапредување на процесите во овие области. Таа потсети дека е формиран Советот за следење на спроведувањето на Секторската стратегија за развој на судството (2024 – 2028).

„Низ инклузивен процес подготвен е нов предлог-закон за Судски совет, кој е во согласност со препораките на експертската мисија на Европската комисија и за кој свое мислење има дадено и Венецијанската комисија. Измените на Законот за судска служба и Законот за јавнообвинителска служба беа доставени во владина процедура, а нив се овозможува функционалната финансиска независност на судството“, додаде Пешевска и информираше дека се работи и на целосно усогласување на Кривичниот законик со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди, особено во делот на борбата против организираниот криминал, корупцијата и финансискиот криминал.

Во рамките на дискусиите, европарламентарците нагласија дека Република Северна Македонија заслужува да ги започне преговорите за полноправно членство во ЕУ, имајќи ги предвид тешките уставни измени што веќе ги реализираше, спроведените реформи, целосно усогласената надворешна политика со ЕУ, при што ја охрабрија државата да продолжи со реформската агенда.  

Во првиот дел од состанокот свои воведни излагања имаа копретседавачите Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер.

На втората работна сесија ќе се дискутира за следните теми: Перспективата на пристапните преговори, добрососедските односи, регионалната стабилност и регионалната соработка; Прашања поврзани со животната средина; Транспорт, енергија и инфраструктурна поврзаност; Вештачка интелегенција и дигитализација.

Пратениците на Собранието и на Европскиот парламент усвоија заеднички Препораки кои ги опфаќаат аспектите на меѓусебните односи, а ќе бидат упатени до институциите на Европската унија и на институциите во Северна Македонија.