Состанок на НАТО сојузниците: Осуда за Русија по неколкуте инциденти со дронови и упадите во воздушниот простор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сојузниците во НАТО денеска во Брисел одржаасостанок, на кој ја осудија Русија поради нарушувањето на воздушниот простор на Полска и Романија, како и поради повторените инциденти со беспилотни летала ширум Алијансата.

„Сојузниците во НАТО јасно ставија до знаење дека се обединети и решителни во одбраната на територијата на сојузниците. Тие ги поздравија брзите активности на НАТО и националните власти, кои одлучно реагираа на настаните“, се вели во соопштението на НАТО.

Средбата одржана претпладнево уследи по новиот бран нарушувања на воздушниот простор ширум Европа во последните недели, со што се тестира способноста на Алијансата да се справи со руското хибридно војување.

„НАТО продолжува да ја зајакнува интегрираната воздушна и противракетна одбрана ширум Алијансата, а сојузниците ги истакнаа мерките што ги презедоа за зајакнување на одбраната на источното крило, од Балтичкото до Црното Море. НАТО е подготвен да одврати и да се одбрани од каква било агресија.“, истакнуваат од Алијансата.

Инаку, на почетокот на месецот, беспилотно летало натоварено со експлозив беше пронајдено непосредно до украински товарен авион „Антонов“ на аеродромот Лајпциг/Хале, по што германскиот аеродром ги засили безбедносните мерки.

Подоцна истиот ден, товарен авион на „DHL“ беше принуден да го прекине слетувањето поради затворањето на аеродромот, а потоа се судри со објект за кој се верува дека бил второ беспилотно летало. Обидот за напад бил насочен кон објект кој претставува значаен европски логистички центар за воени резерви наменети за Украина.

Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт го опиша инцидентот како „многу сериозен настан поврзан со безбедноста“ и дел од поширока „хибридна закана“, но притоа директно не ја именуваше Русија.

Една недела претходно, Полска подигна борбен авион откако руска ракета „Х-101“ навлезе во нејзиниот воздушен простор, пред да се урне на околу 100 километри од украинската граница. Полските власти веднаш ја обвинија Москва, повикувајќи се на докази за потеклото на ракетата. Подоцна соопштија дека цивилниот систем за предупредување ќе биде надграден за, во случај на нов упад, населението подобро да биде информирано за можните ризици.

Во однос на овие инциденти, сојузниците во НАТО изјавија дека Русија „ја носи целосната одговорност за нарушувањата на воздушниот простор“, додавајќи дека тоа покажува „зголемена толеранција на Русија кон ризикот“.

Од почетокот на војната во Украина, Русија се наведува како една од главните закани за НАТО. Во јули, лидерите на НАТО ја опишаа Москва како „долгорочна закана“ за евроатлантската безбедност и стабилност, на нивната последна средба во Анкара.

Европските земји долж руската граница во последните месеци се соочуваат со повторени упади на беспилотни летала. Русија притоа попречува и го нарушува функционирањето на украинските дронови, што доведува до нивно скршнување и навлегување во воздушниот простор на балтичките земји.