Состојба со Ковид-19 во светот до 20 часот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 125.060 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 4.590, а оздравеле 67.050.

– Светската здравствена организација го прогласи новиот коронавирус за пандемија.

– Во Италија во последните 24 часа починале 196 луѓе, а заразени се уште 2.313 лица.

– на Кипар регистрирани четири нови случаи на коронавирусот, со што вкупниот број достигна шест заразени лица.

– Индија им забрани влез во земјата речиси на сите странци, освен на лицата кои имаат дипломатски визи, службениците на ОН и оние кои имаат работна виза.

– Потпретседателот на Иран, Ешах Џахангири е позитивен на коронавирус.

– Гватемала им забрани влез во земјата на сите Европејци. Во таа земја се уште нема ниту еден заразен.

– Американската држава Вашингтон забрани собири поголеми од 250 луѓе.

– Четири нови случаи на коронавирус регистрирани во Велс.

– Либан ги затвори сите ресторани и кафулиња поради новиот коронавирус.

– Саудиска Арабија ги затвори сите кино сали поради Ковид-19.

– Три лица на возраст од 73, 86 и 90 години починаа во Белгија од коронавирус, соопшти белгиското Министерство за здравство.

– Шеесет и шест годишна жена е прва жртва на коронавирусот во Бугарија. Жената вчера била хоспитализирана во Софија со акутно воспаление на белите дробови.

– Тајландската полиција разби голема мрежа на препродавачи на заштитни маски и средства за дезинфекција кои сакале да остварат брза и голема заработувачка, а властите почнаа да ги санкционираат прекршителите на мерките за забрана на движење и собири.

– Во Полска се затворени сите кино сали, училишта и музеи на најмалку две недели.

– Првиот маж заразен со коронавирусот во Италија, 38-годишен, постепено заздравува, соопштија италијанските медиуми. Тој вчера е исклучен од апаратите и почнал самостојно да диши, а денеска почнал и да зборува.

– ДР Конго пријави прв случај на корона вирусот.

– Израел ги ограничи јавните собири на максимално 100 луѓе.

– Во Ирска е регистриран првиот смртен случај од коронавирус.

– Во Србија од денеска поради коронавирусот се збаранети сите собири во затворен простор со повеќе од 100 луѓе, но се уште нема потреба од затворање на училишта, одлучиле државниот врв и здравствените власти, а можно е и одложување на парламентарните избори закажани за 26 април.