Прашање: Што мислите за ова?
„Што да се каже за ова? На што личи? Треба да се одржува. Не може еднаш да се направи и потоа да трае засекогаш.“
Веќе подолго време состојбата на плоштадот на влезот во Старата скопска чаршија останува иста. Искршените и оштетени плочки не само што го нарушуваат изгледот на овој историски простор, туку и го отежнуваат движењето на граѓаните.
„Се наоѓаме во Старата скопска чаршија, една од најфреквентните локации во градот. Како што можете да видите зад мене, оштетените плочки веќе подолго време ја нарушуваат убавината на главниот град и го отежнуваат минувањето.“, вели Етник Раткоцери.
Граѓаните велат дека санацијата е неопходна, бидејќи оштетувањата со текот на годините станале сè поизразени. Според нив, простор што секојдневно го посетуваат голем број луѓе заслужува редовно одржување за да се зачува изгледот и автентичноста.
„Не може лесно да се помине, овие плочки пречат. Мислам дека ова е направено пред многу време, пред 30–40 години, а и материјалот веројатно не бил квалитетен. Треба да се поправи и да се одржува. Остава грда слика. Не мислам дека има многу работа, а ова веднаш се забележува на самиот влез во Чаршијата. Јас сум скопјанец, тука сум роден, имам 80 години.“
„Тука е многу потешко да се помине, особено за жените што носат чевли со високи потпетици. Ние што сме со поудобни обувки некако поминуваме. Треба да се среди, треба да се обнови, но кога ќе се случи тоа – не знаеме.“
Инаку, оваа локација е во надлежност на Град Скопје, од каде што побаравме одговор. Оттаму нè информираа дека ќе се произнесат во текот на утрешниот ден.
ТВ21 за истиот проблем известуваше и пред седум месеци. И тогаш, Град Скопје не достави никаков одговор.
