Совети за сонот во жешките летни ноќи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Последиците од екстремна жештина што го загрозува сонот и одморот ноќе, не треба да се потценуваат, смета германскиот стручњак за сон, Ханс-Гунтер Вес. Според него, утрото по непроспиена ноќ е често придружено со верижно „колективно проѕевање“ на работа или на училиште…

– Но, она што повеќе ме загрижува е дека сѐ ова може да предизвика поголема опасност од несреќи на работа или на патиштата, или бројни грешки при извршување дневни задачи, предупредува раководителот на германскиот Интердисциплинарен центар за спиење.

Постојат неколку начини кои може да му помогнат на човекот да се чувствува попријатно за време на жешките ноќи, особено во отсуство на климатизација.

– Сè се сведува на соодветна вентилација. Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот и отворете ги пред да одите в кревет, вели Вес.

Друг совет, иако звучи малку парадоксно, е – пред спиење, да испиете нешто топло. Така, помала е веројатноста да се потите, додава стручњакот. А, топол туш, на пр., ги отвора порите на кожата и носи чувство на свежина.

Вес советува да се избегнува вино пред спиење.

– Пиењето алкохол навечер може да има психолошки, опуштачки ефект, но исто така, ги шири крвните садови и го поттикнува ноќното потење, вели тој.

Таблетите за спиење се „забранети“, оти тие создаваат зависности. Вес има и неколку други специјални совети…

– Ако имате подни плочки во спалната соба, можете да истурите малку вода на нив, за да се олади просторијата, но тогаш треба да бидете исклучително внимателни кога ќе станувате од креветот… Или, едноставно спијте во подрумот!, вели тој.

Во суштина, вели Вес, можно е уживање во потоплото време, дури и ако тоа понекогаш ви го расипе сонот.