Спасовски: Предметот за лабораториите е во ОЈО – обвинителството вели дека предметот е отфрлен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги потврди тврдењата на екс пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски дека три лаборатории купени за Факултетот за безбедност преминале во МВР, но ваквите дејствија се случиле за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Спасовски вели дека за ова се води предмет во Обвинителство.

Но како што се чини никој нема да понесе одговорност за ова бидејќи за ТВ21 од Обвинителството потврдуваат дека предметот е отфрлен.

„Поднесената кривична пријава за која покажувате интерес, а се однесува за набавката и опремување на лаборатории на Факултетот за безбедност со Решение е отфрлена од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, велат од обвинителството.

Пред неколку дена во Клик Плус, екс пратеничката на социјалдемократите, Фросина Ременски фрли сомнеж дека постои политички договор да се премолчи овој предмет.

Ременски поднесе кривична пријава против обвинителката Гордана Смаќоска во чии раце бил овој предмет. Вчера главната обвинителка за следење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска за ТВ21 рече дека смета оти одлуката е апсолутно праведна.