Специјална комисија за Блерим Рамадани – „не поднесувам објаснувања пред никого“, вели Мицкоски за реакциите од Белград

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судскиот совет формира специјална комисија за случајот со Блерим Рамадани. Претседателката на Советот, Весна Дамева вели дека е нивна должност да реагираат по допрен глас во однос на, како што додава, бегството на странскиот државјанин за кого се водела екстрадициска постапка.

„Треба да се формира Комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци – има ли нешто, што се случувало, виновен е Судот или не е виновен Судот и да не прејудицираме.“, вели Весна Дамева.

Претходно, судија од Кривичниот суд донесе одлука поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, наместо во екстрадициски, да биде во куќен притвор до 16-ти август. Во меѓувреме се очекуваше да се одлучува по барањето на српскиот Интерпол за негова екстрадиција во Србија. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека судијата што ја донел одлуката за куќен притвор и претходно носел контроверзни одлуки, а според пишувањата, станува збор за судијата Пајазит Пајазити. Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ го оцени бегството на Рамадани како скандалозно и побара објаснување од македонските власти.

„Немам право да коментирам судски одлуки. Така што, ве молам, да не дозволиме, повторно апелирам, нашите соседи да покажуваат мускули кај нас. Инаку, јас пред никого не поднесувам објаснувања, можеби еден пред еден кој никој не го гледа.“, вели Христијан Мицкоски.

„За овој случај, за овој период, Србија дава неточни информации и мислам дека не треба да се сфатат сериозно во иднина.“, вели Изет Меџити.

Рамадани веќе два дена не е достапен за македонската полиција и веројатно се наоѓа во Косово. Од СДСМ соопштија дека за бегството е виновно МВР раководено од Панче Тошковски, а од ВМРО-ДПМНЕ вината ја насочија кон, како што истакнаа, судиите послушници на СДСМ и ДУи што го пуштиле во домашен притвор. Од ДУИ известија дека „пропаднал планот на српскиот претседател Вучиќ и моноетничката Влада за екстрадиција на Рамадани во Србија“.