Спласна оптимизмот за скоро решение со Бугарија – Заев: Тешко дека до 22 јуни ќе го надминеме проблемот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 22 јуни да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука за официјален старт на преговорите, но и ако не се постигне решение, барем да ги заокружиме дискусиите и да чекаме политичка влада во Бугарија, посакува премиерот Зоран Заев, иако не е оптимист дека до 22 јуни може да се дојде до решение со Бугарија, а со тоа и до одблокирање на процесот за почнување на преговори на Македонија со ЕУ, пред се поради тоа што таму во моментов има техничка Влада. Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера изјави дека ставот на 26 земји членки е оти РСМ е најдоброто досие во регионот и оти преговорите мора да почнат, а секое одложување значи сериозно нарушување на кредибилитетот на процесот. Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, овој проблем и со поддршка на НАТО и со поддршка на членките на ЕУ мора да го решаваме.

Заев најави дека најверојатно в четврток во Бугарија ќе има уште една средба со претседателот Румен Радев. Потенцира дека нема дилеми за постоењето, автентичноста и потврдата на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Во интервју за МИА, Заев нагласува дека нема ниту план Б, ниту алтернатива за ЕУ, самото пристапување кон ЕУ значи европеизација на Северна Македонија. Не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ, вели тој, ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на земјата која ќе се случува низ отворањата и затворањата на поглавјата и да ја донесеме Европа во  Македонија.

– На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи и најде решенија конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки, рече премиерот во интервјуто.