Владата покажа дека воопшто не ја почитува полицијата и нивниот труд при справување со корона вирусот, обвинуват од Независниот синдикат на полицијата. Побараа вчерашната одлука на Владата повторно да биде преиспитана и сумата од 15 илјади денари да и биде исплатена на полицијата како морална сатисфакција за трудот кој кој го вложиле на терен во борбата со ковид-19.
„Сметаме дека вчерашната одлука е погрешна, дека ненамерно е направена и веќе со наредната владина седница грешката ќе биде исправена. Немојте ни случајно да заборавите дека полицијата се справува со најголемиот бран против епидемијата. Затоа на следната седница исправете ја вчерашната неправда и доделете го тој симболичен и така премногу мал додаток од 15 000 денари за досегашното работење на полицијата. Вие сте на потег“, истакна Дејан Саздов.
Предогот за паричен надомест кој го достави техничкиот министер Чулев, Спасовски го оцени како „гол популизам“.
„Гол популизам, кој никако не може да се поврзе со наградите за здравството. Ќе ви кажам пример, кога се правеше ребаланс на буџетот, министерот за здравство се бореше на седница на Влада да останат парите во буџетот и да додадеме за да им даде награда на здравствените работници. Министерот за внатрешни работи понуди 88 милиони денари да врати во буџетот за други потреби бидејќи не му требале во МВР. Само тоа говори доволно за фактот колку е сериозен во намерите“, истакна Оливер Спасовски.
Чулев пак, го обвини Спасовски дека не се грижи за вработените во полицијата и дека кратењето на буџетот било на предлог на Министерството за финансии.
„Не е точно дека јас доброволно се согласив на кратење на буџетот на МВР кој до сега два пати беше скратен, туку имаше циркуларно писмо од министерот за финансии со кое се бараше од сите државни институции да скратат 10 проценти од ставките по кои тие самите ќе ги определат. Јас не се согласив со 10 проценти со оглед на тоа дека во голема мера беше скратен буџетот на МВР туку скративме 5 проценти. Тоа всушност беше наложено од страна на министрството за финансии, а за потребите на ребалансот на буџетот“, посочи Наќе Чулев.
Воедно и Македонскиот полициски синдикат побара да се обезбедат парични средства за исплата на награда од најмалку 25.000 денари за сите вработени во Министерството за внатрешни работи. Засега останува истата бројка од 14 заразени полициски службеници со Ковид 19 и 103 во самоизолација.
