Според научни цитати „Св. Кирил и Методиј“ едвај го помина универзитетот во Крагуевац

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбата на универзитетите во нашата земја е многу лоша, алармираше претседателот на академскиот совет на Академското рангирање на универзитетите на Балканот. Според него, високообразовните институции не напредуваат, туку стагнираат, бидејќи растот на објавени трудови во последните 2 години е едноцифрен, односно помал од 10%.

„Нашиот најголем и најдобар универзитет, Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, тешко го надмина Универзитетот во Крагујевац. Оваа година се очекува да го достигне нивото на Универзитетот во Ниш. Ние имаме 396 илјади научни цитати, додека Загреб има 4 милиони и 600 илјади. Еве ги бројките што ја покажуваат разликата меѓу овие универзитети што се рангирани во Топ 500“, изјави Марјан Бојаџиев, претседател на Академскиот совет во ARBU.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека ако во 2022 година буџетот за високо образование бил 3 милијарди денари, во 2026 година се обезбедени 8 милијарди денари за универзитетите. Таа зборуваше и за новиот закон за високо образование.

„Законот ја гарантира академската автономија. Она што беше спорно, тврдам дека е уредено токму на овој начин: транспарентни критериуми за оценување и унапредување, како и механизми за поддршка на младите истражувачи. Исто така, тој поттикнува производство на повеќе научни трудови и зголемување на меѓународната видливост“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Директорката на Агенцијата за квалитет во високото образование Кристина Серафимовска нагласи дека на земјата ѝ се потребни дебати за тоа какво рангирање е потребно и која методологија ќе се користи, како и подобрување на националните политики за развој.

„Бидејќи Балканот, односно сите земји на Балканот, се соочуваат заеднички со предизвикот на меѓународната видливост, можеме да заклучиме дека од повеќе од 300 универзитети што постојат во овој простор, само неколку се рангирани и видливи на меѓународно ниво“, вели Кристина Серафимовска, директорка на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Инаку, платформата за Академско рангирање на универзитетите на Балканот опфаќа 324 високообразовни институции од Балканот и над 19,7 милиони научни цитати. Проектот има за цел да создаде регионална база на податоци за споредба на академските перформанси и научното влијание на универзитетите и истражувачите. Според презентерите, податоците се собрани од Google Scholar и опфаќаат над 33 илјади професори и истражувачи, нудејќи мерлив преглед на научното производство во регионот. Првото рангирање покажува доминација на универзитети од Хрватска, Србија и Словенија, со Универзитетот во Загреб, Белград и Љубљана на врвот.