Нов бран политичка криза во Србија. По масовните антивладини протести и немирите во Белград, полицијата утринава ги отстрани блокадите поставени на повеќе локации од страна на демонстрантите, кои бараат итни избори и ослободување на уапсените студенти и активисти.
-Она што се случува е дека ние нема да се откажеме. Сакаме да го собориме Вучиќ. Нека дојде кој било, изјави Бранка Јовановиќ, демонстрант.
Демонстрантите вчера поставија метални огради и контејнери, блокирајќи клучни улици и мостови во Белград, а слични протести беа организирани и во други градови низ Србија. Причина за незадоволството е серијата апсења по саботниот масовен протест, кој заврши со судири меѓу полицијата и дел од демонстрантите.
„Очекувам дека ултиматумот што го поставија студентите ќе биде исполнет“, вели демонстрант.

Властите соопштија дека во немирите биле повредени 48 полицајци, а 22 демонстранти побарале медицинска помош. Вкупно 77 лица биле уапсени, од кои 38 остануваат во притвор под обвинение за напади врз полицијата и обиди за насилно уривање на власта.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ, реагираше остро, нарекувајќи ги дел од организаторите „терористи“ и најави нови апсења:
-Србија победи. Не може да ја уништите Србија со насилство, како што некои посакуваа. Србија не застана, и никогаш нема да застане, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тој додаде дека идентификацијата на сите напаѓачи е во тек, и најави целосна одговорност за оние кои, според него, сакале да ја нарушат државата.
-Мора да им подадеме рака на сите што мислат поинаку, да разговараме со нив, да отвориме дијалог. Нема преговори со терористи и оние што сакаа да ја уништат државата. Одговорност ќе има, во секоја сфера и домен, но за тие што имаат различни политички идеи, за оние кои не се задоволни со степенот на демократија, за тие кои мислат дека ние нешто лошо сме направиле, кои мислат дека лошо работам, со нив сме секогаш подготвени да разговараме, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Антивладините протести траат речиси осум месеци, а главен повод беше трагедијата во Нови Сад во ноември, кога при уривање на реконструиран железнички објект загинаа 16 луѓе, од кои еден македонски државјанин – несреќа за која дел од јавноста ја обвини корупцијата и негрижата на институциите.
Иако демонстрантите бараат предвремени избори, Вучиќ тоа го одбива, најавувајќи редовни избори дури во 2027 година. Критичарите го обвинуваат за авторитаризам, додека Србија, барем формално, останува на патот кон ЕУ, но паралелно ги јакне врските со Русија и Кина.
