Средба Муртезани-Бирн, во фокусот ЕУ интеграциите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија се уште нема одговор од бугарската влада за предлогот за заедничка Резолуција со Бугарија кој ќе се однесува на заштита на македонскиот јазик и идентитет. Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вели дека не треба да се прават резолуции кои би биле против соседите, туку да се држиме до она што е договорено.

-Резолуциите или внатрешните политички прилики не треба да се градат против соседите или против некого. Ние мора да градиме заеднички позиции како соседи бидејќи цело време се повикуваме на копенхашките критериуми а првиот услов согласно копенхашките критериуми е добрососедските односи и за нас и за Бугарија. Ова што ние го правиме последните неколку месеци, сите посети на министрите за европски прашања и министрите за надворешни работи е да апелираме на сите тие наши грижи, а не да спремаме терен за репреговарање на тоа што е преговарано, изјави Орхан Муртезани, министер за европски прашања.

Министерот за европски прашања на Ирска Томас Бирн кој е во посета на земјава рече дека Македонија треба да се фокусира на исполнување на обврските од францускиот предлог, бидејќи како што нагласи тоа е единствениот начин за отворање на преговарачкиот процес, а не резолуции, бидејќи македонскиот јазик е признаен во Европската унија.

-Ние цврсто веруваме дека договорот кој што беше направен пред три години кога ќе биде имплементиран од ваша, македонска страна со тоа ќе се отвори преговарачкиот процес Нема друг изговор според мене, така ќе се отворат преговорите, мора да се отворат преговорите. Македонскиот јазик е признаен од ЕУ, ФРОНТЕКС договорот е составен на македонски јазик. Албанија ќе се приклучи кон ЕУ, така што македонскиот и албанскиот јазик ќе го имаат истиот статус како францускиот и германскиот, исто како мојот ирски, галски јазик, вели министерот за европски прашања на Ирска, Томас Бирн.

Инаку, Ирска за една година треба да го преземе претседавањето со Советот на Европската унија. Бирн рече дека проширувањето на ЕУ врз основа на заслуги ќе биде силен приоритет во нивното претседавање.