Средба Муцунски – Петрова утре во Софија – Мицкоски: Пораката е дека само со дијалог ќе ги решиме отворените прашања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија и официјално ја потврди средбата со Македонија со што утре на Министерскиот состанок за Коридорот 8 во Софија шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски ќе има разговори со неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чамова. За сега се уште не е познат форматот и начинот, бидејќи во самата дипломатска нота е наведено дека дополнително ќе бидат утврдени. Пораките на премиерот Мицкоски се дека Македонија и Бугарија само со разговори може да го надминат спорот и да се дојде до решение за земјава што поскоро да стане дел од Европската унија.

„Ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, дали ќе биде pull aside, дали ќе биде билатералка на маргините на Самитот за Коридорот 8, сепак е ова мултилатерален настан, да видиме како тоа домаќинот ќе го организира. Пораките наши се јасни дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во која што во моментов се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и ние сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел да бидеме дел од Европската унија, нешто што многу одамна го заслуживме“, вели Христијан Мицкоски.

Од СДСМ велат дека од утрешната средба не очекуваат ништо и дури велат дека најавените разговори на двајцата министри воопшто не се потребни откако во петокот претседателката на Европската комисија го потврди македонскиот идентитет и јазик.

„Зошто има потреба сега откако тоа е потврдено да одиме во Софија и да разговараме за преговарачката рамка. Дали не е тоа напор наместо европеизација прават билатерализација на процесот, дали тоа не е напор да отвораат и репреговараат веќе договорени гарантирани работи од преговарачката рамка. Од средбата ништо продуктивно не очекуваме“, рече Фани Каранфилова Пановска.

Ваквите разговори доаѓаат во време кога Европската комисија предлага да се укине правото на вето во земјите членки да гласаат со квалификувано мнозинство за време на отворањето и затворањето на преговарачките поглавја за земјите кандидатки. Мицкоски со оценка дека пораките на еврокомесарката за проширување Марта Кос значат потврда за злоупотребата на ветото од одредени земји членки, но и на она што тој го укажувал дека уставните измени треба да бидат со одложено дејство.

„Очигледно дека од земјите членки е препознаено тоа што некои од земјите членки во рамките на Европската унија го прават и се обидуваат со ваков маневар да се овозможи кандидатите да дојдат до фаза да бидат членки во рамките на Европската унија и тоа е многу слично со она што ние велиме кога станува збор за промена на Уставот таа промена практично да стане апликабилна оној пат кога ние ќе ги завршиме преговорите“, вели Христијан Мицкоски.

Покрај предлогот за укинувањето на ветото Марта Кос  предлага и новите земји членки да имаат преоден период од 15 години  во кој би можеле да бидат санкционирани доколку ги прекршат демократските стандарди, владеењето на правото или принципот на лојална соработка со Унијата.  Во случај на прекршување новите членки би можеле да останат без право на глас или дел од европските средства.