Српските медиуми ја пренесуваат вчерашната одлука на Владата за ослободување од плаќање патарина во земјава за српските државјани за време на летната сезона.
„ДОБРА ВЕСТ ЗА НАШИТЕ ТУРИСТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Нема плаќање патарина на Коридор 10 во текот на летната сезона“, посочува српски Курир.
„ПОТВРДА НА ГОЛЕМОТО ПРИЈАТЕЛСТВО! Важна вест за српските туристи, наскоро бесплатна патарина во Северна Македонија“, објави Србија денес.
„За Србите нема патарина! Владата на Северна Македонија издвојува 2,9 милиони динари за изработка на бесплатни картички“, пишува Блиц.рс
Од таму потсетуваат дека електронските картички за возила за српските туристи ќе бидат издадени на граничниот премин „Табановце“ при влез во Македонија, а Министерството за внатрешни работи ќе биде задолжено за нивната дистрибуција.
Во вчерашната одлука на Владата стои: „Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, а во врска со изготвување на електронски картички (М-Смарт Кард) за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона во периодот од 15.06.2021 до 15.08.2021 година“.
Од таму додаваат дека, во оваа насока е задолжувањето на Министерството за финансии да префрли средства во износ од 172.000.000,00 денари за набавка на 200.000 М- Смарт Кард на сметката на Владата, а ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М- Смарт Кард.
„Се задолжува Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, истите да ги врати на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија – Влада на Република Северна Македонија“, се вели во одлуката на Владата.
