Српското собрание го прифати извештајот за Косово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Народното собрание го прифати извештајот за преговарачкиот процес што претседателот на Србија, Александар Вучиќ го презентираше во вторникот на посебна седница.

„Извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции на самоуправата во Приштина“ е напишан на 50 страници, а „за“ гласаа 148 пратеници, додека 57 беа против.

Во извештајот се наведени „активностите во рамките на подготовката и спроведувањето со преговорите“, од Заедницата на српските општини (ЗСО), полицијата, судството, енергетиката до дијалогот на стопанските комори, транспортот на опасни материи и исчезнати лица, што е последното поглавје.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во завршниот говор на вонредната седница на Собранието изјави дека следните шест месеци, до 31 март, ќе бидат најтешките за Европа по Втората светска војна и дека и Србија ја очекуваат тешки недели.

Тој рече дека работите „драматично се комплицираат“, дека европската економија ќе падне, „па можете да замислите како ќе биде во Србија“.

-Ни претстојат тешки денови. Секој си гледа само во својот дел. Се молев да не ни треба врева околу парадата (Европрајд), но најлесно е да се обвинува државата. Државата е таа што треба да излезе во пресрет на сите, рече тој

Вучиќ повтори дека Србија на ниту еден начин нема да го признае Косово, одговорајќи на обвинувања од опозицијата.

-Планот на Европа беше Србија да се согласи Косово да влезе во Обединетите нации. Народот мора да разбере дека се наоѓаме меѓу чеканот и наковалната. Се заколнав пред Уставот на Србија дека додека можам да влијаам, Србија нема да го признае Косово, рече Вучиќ.

Тој истакнува дека ситуацијата му била многу јасна уште од првиот ден од руската инвазија на Украина, а сето тоа се темели на тоа што рускиот лидер Владимир Путин им го кажал на западните лидери  – „дека ја отвориле Пандорината кутија со создавањето на Косово“.