ССКМ jа поздравува одлуката со која данокот од 5% останува при прва продажба на недвижности

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), преку Градежната комора, ја поздрави одлуката на Владата и Министерството за финансии да продолжат со примена на повластената даночна стапка од 5% за првата продажба на новоизградени станови.

Одлуката, според ССКМ, е оправдана и ќе има директна корист за населението, бидејќи ги намалува вкупните трошоци за купување стан, правејќи го сопствеништвото на домот подостапно.

„Со продолжување на данокот за купување станови на 5% почнувајќи од 2026 година, се очекува секторот за недвижности да добие нов импулс. Оваа повластена стапка на ДДВ има за цел да го поддржи пристапот на граѓаните до домување, да ја стимулира градежната активност и да ја зајакне стабилноста на пазарот“, изјави Ивица Јаќимовски, член на Управниот одбор на ССКМ.

ССКМ посочува дека намалувањето на даночната стапка не само што ги намалува трошоците за купувачите, туку и ја зголемува побарувачката за нови и постоечки станови, што може да го стимулира градежниот сектор и пазарот на недвижности. Дополнително, подобрата даночна средина може да привлече домашни и странски инвеститори, придонесувајќи за економски раст.

„Со заедничка работа и партнерски однос со Владата се носат одлуки кои позитивно ќе влијаат на бизнис климата и развојот на македонската економија“, истакнуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија.