„Такви се ова речи ги политичарите. Како голубите. Како голубите се. Додека се доле на земја ти јадат од рака, ко ќе се качи горе ти кака на глава. Е такви се они“.
Револтирани, гневни, со остри пораки до политичарите, со свирежи и извици „лопови“ работниците ги пречекаа пратениците пред Собранието на најавената блокада од Сојузот на синдикатите на Македонија. Бараат минимална плата од 600 евра веднаш и раст на останатите плати за најмалку денари. Порачаа дека народот е на раб на егзистенција и ги повикаа политичарите да го слушнат гласот на народот.
„Нели ова е мизерно. 300 евра плата, само да те разбудат сабајле, да те сецнат не се исплати“.
„На пратенците ќе им кажам нека се одважат и нека го слушнат гласот на народот“
„Многу, претераа со крадење. Затоа што сега најново е мерцедес ќе купуваат и авион. А народот буричка у контејнери“.
„Ова се манипуации, го манипулираат народот. А тие што им веруваат ќе почнат и корења да јадат“.
Имаше и реакции за слабиот одзив на повикот на ССМ.
„Па да ни ги намалат платите ако може. Според ова што го гледам овде да ни ги намалат, големи ни се. Така ќе кажат сега и тие таму што се. Нема народ овдека. Да дојде Цеца да пее ќе се соберат“
По 21 работник на двата влеза на Собранието се доволни според претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов да ги блокираат пратениците да си наплатат патни трошоци. Тој им порача на народните избраници да си ги намалат своите привилегии на собраниска седница да предложат закон со кој ќе ги зголемат работничките плати.
„Добро утро на сите освен на пратениците. Зошто освен на пратениците затоа што две години го блокираат предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на работничките плати. Ќе се обратиме и до претседателот на Собранието, како информација од јавен карактер, кој е тој алчен пратеник, кој за денешниот ден ќе наплати 100,150 или 200 евра затоа што доаѓа на работа“, вели Слободан Трендафилов.
Од ССМ најавија дека доколку пратениците и понатаму молчат, преминуваат на собирање на 10.000 потписи со кои како овластен предлагач ќе предложат закони со кои ќе ги намалат функционерските и ќе ги зголемат работничките плати.
Во четврток блокадите се селат кај работодавачите, пред Коморите, а за 17 февруари е најавена блокада на Владата. Од ССМ не исклучуваат и нови протести на улица, но и Генерален штрајк во јавниот и за прв пат во историјата и во приватниот сектор.
