Сојузот на синдикатите на Македонија повторно на протести со барање зголемување на минималната плата на 600 евра но и раст на сите плати во државата. Пред зградата на Сојузот на Стопанската комора точно во 12 часот започнаа блокадите во кои тие порачаа – трошоците за живот растат, а стандардот на работниците опаѓа. Ако барањата не бидат прифатени, најавуваат масовен протест и можен генерален штрајк. Првиот синдикалец се пожали дека имаат притисоци од власта со тоа што, како што истакна им било кажано дека ќе бидат заокружувани кој ќе учествувал на протестите.
-Одлучивме дека и во вторник Владата на две места по 21 човек ќе ја блокираат или математички прецизно кажано по познатата математичка формула икс плус ипсилон е еднакво на зед. Тука сме кај газдите, кај истите оние кои ги избркаа цели наши семејства во странство. Кај газдите кои одбиваат да ја зголемат минималната плата и кои одбиваат да ги зголемат останатите плати само затоа што законот не се променил. Кај газдите кои се слепи послушници на Владата, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Платите во приватниот сектор се повеќе од мизерни рече потпретседателот на синдикатот Иван Пешевски.
-600 евра минимална плата барањето, не е за сите да бидеме на 600 евра минимална плата, туку тоа да биде пресметковна единица по која ќе се множат коефициентите на сите вработени во јавниот сектор. И да заборавиме веќе дека за 400 и 500 евра плата не само што нема да имаме продуктивни работници, туку нема да имаме никакви работници ниту граѓани во Македонија. Доколку не се одважат и газдите да дел од колачот си го дадат на вработените коишто им го овозможиле во минатото тој профит ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив со блокади со шатори и секој ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме, изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Денешниот протест беше втор од трите најавени блокади откако во вторникот беше блокирано Собранието. Следниот протест ќе се одржи на 17 овој месеци, односно овој вторник и тоа пред зградата на Владата.
