ССМ-Ние сме аполитична организација: „Нека дојдат во понеделник да го потпишеме колективниот договор“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Статутот на Сојузот на синдикатите на Македонија вели дека е аполитична организација и нема апсолутно никаква врска со политика, а претседателот и раководството не смеат да се членови на политичка партија. Во емисијата Бизнис 21 првите луѓе на ССМ ги отфрлија обвинувањата на власта дека протестот за повисоки плати има политичка заднина и дека луѓе од синдикатот доаѓале кај премиерот за да ги докажуваат како што рече тој во емисијата „Клик плус“ своите „вмровски корени“.

„Му кажувам еве оттука на претставникот на Владата и на претставникот фактички на политичката партија да најде еден аргумент дека некој некаде е политички определен и обоен. Но политичарите не ги страв од политичарите, гледаме дека ти си се договараат. Политичарите ги страв од работниците“, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Тие јавно повикуваат претставник на владата во понеделник да дојде за да потпишат колективен договор за 40 проценти зголемување на платите на административните службеници. Велат со колективниот договор им било понудено зголемување на платите на 4 годинашни рати по 7 и 5 проценти, но условот бил да се откажат од општиот колективен договор. Со него само во 2025 и 2026 година вработените во јавниот сектор треба да добијат 12,5 и 10% покачување поради растот на просечната плата, што било поголемо од понуденото со колективниот.

„Дојдете, еве понеделник, вторник, среда кога сакате, јас шетам со печати во џеб цело време, за секој случај, ќе потпишеме колективни договори, не е проблем. Меѓутоа откажување од поповолно право да барате од синдикат, јас сум синдикалец, мене мандатот ми е даден да бидам синдикалец. Мандатот од членството на синдикатот на УПОЗ беше, да, ќе ги потпишеме овие колективни договори, ама нема откажување од општиот колективен договор“, вели Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.

Според Кристина Ампева од Гласен синдикат и работодавачите во приватниот сектор се свесни дека платите мора да се покачат, проблем се организациите на работодавачите кои преговараат со Владата.

„Тие немаат веќе проблем, пошто младите си заминуваат, нема работоспособен кадар во приватниот сектор. И сега ако останеме на оваа плата 400 евра, работодавачите се свесни дека не можат да ги задржат работниците и дека ќе немаат нови млади кадри. Криви се овие од организациите на работодавачи што не го истакнуваат гласот на фирмите, на малите, микро и средни претпријатија“, вели Кристина Ампева од Гласен синдикат.

После протестот, синдикалците од наредната недела ќе почнат со блокада прво на пратениците и на други институции. Велат нема да можат со автомобил да дојдат на работа. Доколку се нема слух за нивните барања веќе имаат одлука за 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Велат ниту на протестот немало проблеми од приватниот сектор, а при штрајк никој нема право да ги спречи да штрајкуваат.