Иако повеќето се стари и со механизација од времето на Југославија, капацитетите на сите термоелектрани во земјата неодамна се ставени 100% во функција! Често се случува да имаат разни дефекти, но сепак успеваат да произведат струја. Во РЕК Битола е пуштен во употреба и Блокот 3. Термоелектраната „Осломеј“ стара 42 години располага со доста стара опрема, а работниците работат во тешки услови, грижејќи се цевките за вода да ја одржуваат температурата во погонот за произведување струја.
Премиерот Димитар Ковачевски се пофали дека го одржале ветувањето дадено на почетокот на енергетската криза дека нема да има недостиг од електрична енергија и дека нема да има енормно покачување на цените на струјата за домаќинствата.
Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека за прв пат во Македонија се случува сите капацитети за производство на електрична енергија да бидат во функција.
Инаку во 2022 производството на електрична енергија е зголемено за 25,5% додека за 2023 Ковачевски најави зголемување за 20% на производството на електрична енергија.
