Старо-нов министер, исти ветувања – „Програмата за животна средина добра, само на хартија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За загадувањето, за спасот на животната средина и екологијата која од ден на ден се повеќе е околу нас, ресорниот министерот ни објаснуваше на три јазици. Притоа ветувајќи дека за една година ќе го научи убаво македонскиот јазик, покрај англискиот.

Така течеше и прес конференцијата, односно новинарските прашања, на кои министерот, наместо на албански или македонски, ги одговараше на англиски јазик, а потоа следуваше превод.

ПРАШАЊЕ: „Албански зборувате скромно, македонски речиси воопшто дали се уште планирате прес конференции на јазикот кој што не е службен?“

„Ви благодарам на прашањето, ве разбирам многу добро, можам да се изразувам многу добро ако сакате да знаете, ќе научам полека нормално, обврска е за мене. Албански не баш лошо да знаете, сигурно не зборите албански, албанскиот не е лош. Ќе зборам во иднина и на македонски и ќе ви одговорам и на македонски сигурно“, одговори Нуредини.

А, во неговото прво појавување како министер во новиот владин состав, речиси исти ветувања. Справувањето со аерозагадувањето, со отпадот и отпадните води, како и заштитата на природата се истите приоритети на кои ќе работи во следните четири години.

За невладините организации, кои се грижат за животната средина, ветувањата се убави само на хартија, а во пракса, речиси и да не се остваруваат. Од Еко Свест велат дека програмата е добра, но за имплементација се уште е присутен стравот.

„Вака како на хартија генералната слика е добра, но знаејќи ги проблемите од внатре, тоа ни е оценката, дека на хартија ни е добро, за имплементација се плашиме и мора да има услогласеност со веќе постојните документи стратегии кои ги имаме како држава. Спомнуваат зелена економија во програмата, ама не е некако доискажано. Значи пак нешто недостасува. Доколку ги поддржуваат компаниите бизнис секторот со субвенции од државни пари, во таков случај треба да ги условат со мерки за заштита на животна средина, намалување на аерозагадувањето и намалување на емисиите“, вели Ана Чоловиќ.

Околку заложбата за заштита на природните богатства, од Еко Свест велат дека и покрај објавениот нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина  за национален парк, постои ризичност оние кои имаат концесија да градат и да ги нарушат пределите кои треба да бидат под строга заштита. Нуредини по една година и три месеци од преземањето на министерската фотеља повторно со ветување дека ќе дишеме чист воздух, со тоа што од есен ќе ги засили контролите на инспекторите, полицијата и локалната самоуправа.