Стартот на преговорите зависи од извештајот за напредокот – новата методологија пред советот за општи работи на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата методологија за проширување на Европската унија беше ставена на маса пред министрите за надворешни работи на состанокот на Советот за општи и заеднички работи на ЕУ. Еврокомесарот Оливер Вархеи на министрите на земјите членки им го претставни, новиот ревидиран начин на преговарање со земјите кандидатки. Голем дел од министрите изразија уверување дека Скопје и Тирана ќе ги отворат преговорите со унијата, но доколку новата методологија биде усвоена а Северна Македонија и Албанија добијат позитивен извештај за напредокот во почетокот на март. Холандија го кристализира ставот – зелено светло за Македонија, скептичност за Албанија.Државната секретарка за европски работи на Хрватска Андреја Метелко Згомбиќ изјави дека ова се први чекори, но дека е оптимист за отворањето на преговорите.

„Хрватското претседателство сака да ги држи овие два процеси заедно и да ги води паралелно со создавање услови за да се оди напред и да се прифати позитивниот напредок на Северна Македонија и Албанија. Во иднина ќе бидеме многу активни на ова“, истакна Андреја Метелко Згомбиќ.

Потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчович истакна дека на новата методологијата која беше презентирана на Советот била прифатена од сите земји членки

„Слушнав голема поддршка од сите земји членки и исто така голема поддршка за три задачи за 2020, што значи ревидирана методологија за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија и предлогот е фокусот да се насочи на зголемен економски развој како и на владеењето на правото“, посочи Марош Шефчович. 

Извештаите за напредокот на Северна Македонија и Албанија во скратена форма се очекува да бидат објавени кон почетокот на март, а првиот тест за евентуален датум за преговори на двете земји ќе го имаат на Европскиот совет на 27 март. Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна изјави дека доколку во март извештајот за напредокот биде позитивен тој ќе го поддржи стартот на преговорите и за двете балкански земји.