Статуата на Христос Спасителот во Рио де Жанеиро беше осветлена со боите на дресот на бразилската репрезентација што го носеше Пеле, по повод годишнината од смртта на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.
Пеле почина пред една година од рак на 82-годишна возраст.
На статуата е проектиран жолтиот дрес со бројот 10 на бразилската репрезентација и порака од папата Франциско, бидејќи Пеле бил побожен католик.
„Пеле, како што беше глобално познат господинот Едсон Арантес до Насименто, несомнено беше играч кој ги покажа сите позитивни квалитети на спортист во својот живот. Сеќавањето на „кралот на фудбалот“ останува неизбришливо во главите на многумина и стимулира нови генерации да бараат средства во спортот за зајакнување на врските на единството меѓу нас“, се вели во пораката на папата.
Верските церемонии се одржаа во Сантос, пристанишниот град кој Пеле го прослави со своите голови и успех додека играше за истоимениот клуб.
Сантос им оддаде почит на церемонијата на нивниот стадион Вила Белмиро, каде што еден од синовите на Пеле, Едсон Чолби до Насименто, пушти 10 бели балони од центарот на теренот.
На Пеле му оддаде почит и Меѓународната фудбалска федерација која објави видео од неговите најдобри потези со порака: „Наследството на Пеле секогаш ќе живее“.
Пеле е единствениот фудбалер кој три пати го освоил Светското првенство, во 1958, 1952 и 1970 година.
Важи за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, а во бројни анкети е прогласен за најдобар фудбалер на 20 век. Со 1.279 гола на 1.363 натпревари, вклучувајќи ги и пријателските, Пеле е во Гинисовата книга на рекорди.
