Стојановски: Ти Груби прв ќе завршиш во затвор! – Жестока дебата на пратеничките прашања за коридорите 8 и 10Д

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Очекувано, на седницата за поставување пратенички прашања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ беа побарани одговори за договорот со Бехтел и Енка. Бојан Стојановски сите три прашања ги постави токму за договорот за изградбата на коридорот 8 и 10Д. Најпрво до премиерот Ковачевски околу обесштетувањето на нелегалните градби кои се наоѓаат на трасата на коридорот, како и за одредбата да се почнат работите без да завршат правните процедури при експропријацијата, што е противуставна . Му се обрати и на вицепремиерот Артан Груби кој е и координатор за овој договор и му рече дека за овој договор прв ќе оди во затвор.

„Еве го Артан, затоа што многу се буни нека излезе и нека одговори, кој и зошто предложил законско решение да поднесе закон кој што е спротивно на одлука на Уставен суд и притоа свесно се согласил да плати големи казни, тоа е прашањето. А за сите други прашања, ќе ти кажам една работа, ти ќе бидеш првиот што ќе оди во затвор кога заштитените бели мечки  од твојата криминална клика ќе треба да бидат повикани на одговорност“, вели Бојан Стојановски.

Во однос на прашањето за експропријацијата премиерот Ковачевски рече дека и во сегашното решение работите на автопатот ќе се одвиваат без второстепена постапка.

„Предложените измените на законот за експропријација кои што се во собраниска процедура важат и во моментов ги има и во сегашното законско решение. Значи и сега градбата на делницата продолжува без второстепена постапка. Со измените на законот за градење има нова постапка и систем за градење која прво се одобрува од урбанистичкиот проект кој ќе ја утврди трасата по што ќе започне постапката на експропријација на земјиштето“, порача Димитар Ковачевски.

Стојановски ја праша министерката за труд и социјала Јована Тренчевска дали е точно дека во изградбата на коридорот ќе бидат вклучени 30 посто македонски работници а 70 посто странски, како и за законот со кој треба да се воведе 60 часовна работна недела, а до министерот за финансии одредбата за плаќање пенали.

„Најмалку 51 процент и компании и работници и останати ресурси ќе бидат ангажирани од Република Северна Македонија, значи домашни работници и домашни компании. Се работи за прекувремена работа на работниците која што ќе биде исплатена и која што ќе биде дозволена само со писмена изјава и согласност од работникот“, вели Јована Тренчевска.

„Се работи за можност да се реализира побрзо и со помалку трошоци. И тоа е сега во рацете на Собранието. Дали ќе се реализира со помалку трошоци или доколку не се прифатат тие проектот ќе продолжи, нашите закони не го спречуваат проектот, проектот ќе се реализира како што е предвиден, само што ќе не чини повеќе. Не се работи за пенали, туку се работи за можност да се реализира проектот побрзо“, порача Фатмир Бесими.

И Ели Панова која говореше за договорот за коридорот 8 и 10Д, му постави прашање на премиерот Ковачевски, дали е тој премиер или премиер е Груби.