Столе Димитриевски во пресрет на дуелот со Казахстан: Подготвени сме!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со пет бодови, без пораз во првите три меча, односно една победа и две нерешени средби, Македонија допатува во Астана на гостување на Казахстан во четвртото коло од квалификациите за пласман на СП. По ремито 1:1 со Белгија, очекувањата за овој меч се големи, односно се посакува позитивен резултат. Голманот на репрезентацијата Столе Димитриевски вели дека иако патот бил долг од Скопје до Астана, сепак имале време да се одморат и да се подготват за овој дуел.

-Спремни сме, долг беше патот. Имаме позитивна енергија од доаѓањето овде. Спремни сме да дадеме максимум, како што одигравме пред два дена. Фокусирани сме за следниот меч, изјави Столе Димитриевски, репрезентативец.

Иако ќе биде сосема различен меч од оној со Белгија и позитивниот резултат од 1:1, сепак пораките од еден од најсискусните се дека дисциплината во играта треба да биде на високо ниво.

-Направиме добар резултат и успех против Белгија, но веднаш после мечот кажав дека тоа е минато и треба да се фокусираме на Казахстан. Мора да биде дисциплината на високо ниво, за да дојдеме до позитивен резултат и на овој меч, изјави Столе Димитриевски, репрезентативец.

Поради жолти картони на два последователни мечеви, селекторот Благоја Милевски не можеше да присуствува на прес конференцијата во пресрет на мечот со Казахстан, бидејќи е суспендиран, па во негово име збогуваше неговиот прв асистент Роберт Стојановски.

-Ова е квалификациски меч, сите опции се во игра. Ние сме дојдени да прикажеме добра игра. Имаме за противник селекција која што исклучителна и ја респектираме. Спремни сме да дадеме се од себе, се надеваме на поволен резултат, вели Роберт Стојановски, прв асистент на селекторот Милевски.

Во составот на Македонија нема да има некои големи промени, освен тоа што Исник Алими и Бојан Димовски не се во комбинација за настап на овој меч.

Она што би можело да претставува мал проблем е теренот на Астана Арена, кој е со вештачка подлога, а речиси сите наши репрезентативци во своите клубови и национални првенства играат на терени со природна трева.

Мечот се игра утре (понеделник) во 16 часот по македонско време. Од истата група, но со почеток во 20:45 часот се игра мечот Белгија-Велс. Пред овие мечеви, Велс е лидер во групата со 7 бодови, следува Македонија со 5, па Казахстан со 3, Белгија со 1 бод, но и само еден одигран меч, а на последното место е Лихтенштајн без бодови.

Од Астана, Един Растодер-репортер ТВ21