Стотици Италијанци излегоа на улиците по пресретнувањето на флотилата за помош за Газа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стотици илјади луѓе во Италија денеска излегоа на улиците во знак на солидарност со флотилата за помош за Газа што беше пресретната од израелската морнарица.

Големи демонстрации се одржаа во Рим, Милано, Торино, Фиренца и Болоња.

Организаторите тврдат дека околу два милиони луѓе учествувале низ целата земја, додека Министерството за внатрешни работи во Рим пријави нешто под 400.000, пренесе ДПА.

Протестот, повикан од најголемиот италијански синдикат, Генералната конфедерација на трудот (CGIL), предизвика големи нарушувања низ целата земја.

Возовите беа делумно суспендирани или доцнеа, додека јавниот превоз во Рим и Милано функционираше само во ограничен обем. Демонстрантите исто така блокираа неколку железнички станици, а пристапот до пристаништата во Неапол и Џенова беше блокиран.

Протести уште вчера се одржаа во некои италијански градови.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во судирите со демонстрантите вчера и денеска биле повредени 55 полицајци. Не беа дадени бројки за повредени демонстранти.

Протестите следеа по пресретнувањето на Глобалната флотила „Сумуд“ од Израел крај Појасот Газа. Повеќе од 400 членови на екипажот од десетици земји беа приведени, меѓу нив и 40 Италијанци – четворица од нив пратеници.