Страшни поплави ја погодија Бугарија, најмалку 4 лица загинаа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Силните дождови што врнеа во период од 24 часа предизвикаа значителна штета низ цела Бугарија. Најмалку четири лица загинаа во близина на градот Бургас на Црното Море.

Патиштата во Бургас беа поплавени, а училиштата во некои области беа затворени. Блиските градови на југ, исто така, претрпеа штета во инфраструктурата.

„Иако временските прогнози за изминатите неколку дена укажуваа на непосредно лошо време, Бургас и регионот околу градот неочекувано се разбудија под вода, со можеби рекордни врнежи од дожд. Материјалната штета е значителна, возилата се однесени од поројниот дожд, додека многу луѓе се едноставно заглавени во своите домови. На некои места ситуацијата се смирува, но тоа е едноставно затоа што дождовите престанаа“, изјави за БИРН Маја Стефанова, новинарка во Бугарската телеграфска агенција.

Во јужните градови Несебар и Царево е прогласена вонредна состојба, евакуациите се во тек, а регионалниот јавен превоз е запрен. Локалните власти објавија екстремно високи нивоа на врнежи – 400 литри дожд на квадратен метар – во областа.

На социјалните медиуми, некои корисници објавија видеа од формирање торнадо во близина на Царево.

Улиците беа поплавени во популарните црноморски одморалишта Сончев Брег и Свети Влас, што влијаеше на бизнисите што сè уште работеа на крајот од туристичката сезона. Истата група градови и села на јужниот брег на Црното Море, исто така, доживеа катастрофални поплави во септември 2023 година.