Стружани повторно ќе излезат на гласање во ноември, каде што битката ќе се води помеѓу независниот кандидат поддржан од ВЛЕН, Менди Ќура, и кандидатот на НАИ, Арсим Далипи.
Во својот говор по победата, Ќура побара неговиот противкандидат Далипи да го одржи зборот што го дал – дека оној што ќе има помалку гласови, ќе се повлече во вториот круг.
„Успехот беше против осум кандидати кои беа против мене, нормално – без политички систем, туку систем создаден во рок од два месеци. Верувам дека сега граѓаните треба да знаат кој ќе ја води Општина Струга со свои проекти. Сега мојот противник го има дадено зборот дека ќе се повлече, и верувам дека овојпат – за разлика од претходно – ќе го одржат зборот и ќе се повлечат.“, изјави Ќура.
Сепак, изгледа дека кандидатот на НАИ, Арсим Далипи, не размислува за повлекување и верува во силна победа во вториот круг.
„И покрај гласовите и тајните зделки по ќошињата, мојот противкандидат не успеа да ја реализира сонот на ВМРО. Но, ова не е крајот. Денес не се предаваме! Денес ја продолжуваме битката за пресврт и победа на Струга. За нашата Струга – Струга што ја бетонираа, ја нагрдија и ја ограбија со години. За Струга што заслужува достоинство, развој и подобра иднина. Заедно ќе успееме. Заедно ја носиме победата!“, напиша Далипи.
Двајцата кандидати одат во втор круг со многу мала разлика. Менди Ќура освои 9.934 гласови, додека Арсим Далипи – 215 гласови помалку, односно 9.719. Во трката беше и Јована Мојскоска од „Левица“, која освои 2.809 гласови.