Струга три недели без вода за пиење, граѓаните да не ги плаќаат сметките за февруари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните на Струга три недели се без вода за пиење, откако беше загаден изворот за водоснабдување во селото Шум, поради тоа што во близина на резервоарот една компанија врши градежни активности.

Градоначалникот на Струга, Менди Ќира, вели дека проблемот е стар, но претходното раководство на општината го прикривало. Тој најави неколку алтернативи за решение.

„Секако дека ќе преземеме и други мерки. Јас како градоначалник не можам да преземам професионални мерки, но ќе преземеме механички мерки за да ги искористиме изворите од Белица кои се чисти и се надевам дека ќе има рестрикции или ќе се работи по распоред за граѓаните да имаат вода за пиење, имајќи предвид дека најголемиот дел од граѓаните, за жал, користат купена вода, знаејќи дека и во изминатите години водата за пиење била несоодветна.“, вели Ќира.

Ова Ќира го изјави на конференција на која ја презентираше работата сработена во првите 100 дена на чело на општината.
Опозициската ДУИ го критикуваше, велејќи дека станува збор за „100 дена разочарување: Струга без вода, без нови проекти.

„Во меѓувреме, реалноста на граѓаните е сосема поинаква. Околу 20 дена Струга остана без вода за пиење – алармантна и невидена ситуација во историјата на градот. Наместо решавање на проблемот, видовме оправдувања и обид за префрлање на одговорноста. И денес состојбата со водоснабдувањето останува загрижувачка и без јасен долгорочен план.“, велат од огранокот на ДУИ од Струга.

За проблемот реагираа и од Регионалната канцеларија на Народниот правобранител, од каде велат дека доколку водоснабдувањето не гарантира безбедна вода за пиење, услугата се смета за нецелосна и граѓаните не треба да ги плаќаат сметките сè додека водата не може да се користи за пиење.

„Неприфатливо е граѓаните да купуваат флаширана вода на сопствен трошок, да се соочуваат со потенцијален здравствен ризик и во исто време да плаќаат целосна сметка за услуга која не е функционална според својата основна намена.“, рече Илбер Руфати, заменик народен правобранител.

Градоначалникот на Струга, Менди Ќира, увери дека граѓаните нема да ги плаќаат сметките за месец февруари.