За 9.48 проценти се зголемува цената на струјата од први јануари. Со ова Владата остана на ветеното дека поскапувањето на струјата нема да биде поголемо од 10 проценти. Низ бројки тоа изгледа вака – ако сметката изнесува две илјада денари тогаш таа ќе биде поголема за нецели 200 денари. Директорот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимовски вели дека ова било досега најтешка одлука која што успеале да ја донесат имајќи предвид дека реалното зголемување требало да изнесува 25 проценти, а енергетските компании барале покачување од 38 посто.
„Со оваа наша одлука цената на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 9.48 проценти. Реалното зголемување, ќе беше многу повеќе, но успеавме да скратиме многу трошоци и дополнително Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период“, истакна Марко Бислимовски.
Бислимовски истакна дека ова е најминималното покачување што може да се постигне. Тој ги повика граѓаните на штедење на струјата бидејќи земјава е соочена со една од најголемите енергетски кризи. Рече дека Владата не планира воведување рестрикции на струјата иако тие ги има во земјите од регионот. Истовремено истакна дека донесена е одлука за укинување на дневната евтина тарифа, додека ноќната и онаа во недела остануваат.
„Од први јануари се укинува дневната евтина тарифа. Евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат и никогаш не биле доведени во прашање. Со оваа одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која што доколку не се укинеше евтината тарифа, зголемувањето наместо 9.48 проценти, ќе изнесуваше 14.23 проценти“, додаде Марко Бислимовски.
Од Владата најавија помош на најранливите категории на лица со ниски примања за да се намали ценовниот удар од зголемување на цената на струјата.
„Лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и за домаќинство со три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, а лицата со ниски примања за домаќинства со 4 члена и за домаќинства со 5 члена или повеќе члена се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно“, вели Крешник Бектеши.
Од опозицијата обвинуваат за лошо менаџирање на енергетскиот сектор. Поскапувањето на струјата ќе значи хаотична состојба а укинувањето на евтината дневна тарифа дополнително ќе ги зголеми сметките, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
За најавите за зголемување на цената на парното за 300 проценти Регулаторна комисија денеска ќе го разгледува барањето на БЕГ, а одлуката најверојатно ќе ја донесе во текот на утрешниот ден. Цената на природниот гас на берзите е драстично зголемена, но ние ќе направиме се да нема драстично зголемување на цената, бидејќи на тој начин корисниците ќе се исклучат од системот на греење и со тоа ќе се оптерети потрошувачката на струја.
