Дефинитивно денеска е испратен не така пријателски сигнал од страна на Бугарија со тоа што првиот работен предлог за преговарачката рамка е стопиран од нивна страна. Ова го изјави премиерот Зоран Заев откако на состанокот на Комитетот на амбасадорите наречен КОРЕПЕР Македонија го доби првото вето од Бугарија.
„Денеска беше првиот КОРЕПЕР и е прекршен членот 2 од Договорот со Бугарија, односно првата блокада е дадена денеска. Секако тоа за мене не значи дека се изгубени шансите, постојат и втор и трет КОРЕПЕР пред да се одржи ГАК и верувам дека ќе изнајдеме решение“, посочи Зоран Заев.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за ТВ21 вели дека тоа може да се гледа како вето, но од друга страна тоа се и дополнителни седум дена за преговори со Бугарија. Додава дека преговорите што се водат со источниот сосед е во рамки на Договорот потпишан во 2017.
„Денеска не успеале земјите членки да усогласат текст, некој тоа може да го интерпретира како вето, друг може да го интерпретира едноставно како давање можност да се разговара понатаму во овие седум дена, за да можеме ние билатерално, меѓутоа и претседателството чие всушност е улога да прави усогласување помеѓу земјите членки, да најде решение“, вели Бујар Османи.
Македонската јавност деновиве беше сведок на остри закани и најави од бугарските државни личности дека тие ќе ја блокираат Македонија за почеток на преговорите доколку не се прифатат нивните барања меѓу кои и да се прифати дека Македонците имаат бугарски корени. Заев и денеска повтори дека прашања на националниот идентитет не смеат да бидат дел од барањата. И покрај денешната блокада и натаму е оптимист
„Дефинитивно сум убеден дека паметниот дел на поставувањето на работите во самите разговори, помошта која Германија ја дава за време на нивното претседателство ќе предизвикаат на крајот, во декември да ја одржиме првата Меѓувладина конференција и да продолжиме понатаму“, порачува Зоран Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по ова побара оставка на Зоран Заев и формирање техничка влада.
„Веднаш да ги напуштат позициите и да организираат предвремени избори на кои што би можеле граѓаните во термин во кој што нормално здравствените услови ќе дозволат да се случи такво нешто, а веднаш сега, можеби треба да почнеме да размислуваме за една идеја која што ја почнаа од Алијансата за Албанците а тоа една Влада на национален спас“, изјави Христијан Мицкоски.
Советот на министрите кој требаше да се одржи на 10 на кој треба да се утврди преговарачката рамка е презакажан за 17 овој месец , додека првата Меѓувладина конференција се најавува за декември.