Дали се загрозени студентите да останат без бесплатен јавен превоз? На прашањето дали МОН ќе го плати долгот кон ЈСП-Скопје за бесплатниот превоз на студентите во износ од 8 милиони евра, министерката Весна Јаневска го повтори одговорот дека фактурите се пристигнати, но нема правна основа на која Министерството би платило бидејќи не постои договор ниту владина одлука.
Од друга страна, Организацијата за дијалог и афирмација на средношколци и студенти реагираше на, како што пишуваат, нефункционалниот и небезбеден јавен превоз кој, според нив, може да ги остави учениците без можност да одат на училиште или на факултет.
-Недостатокот на сигурен јавен превоз стана пречка за достапното образование на многу ученици и студенти. Од Градот Скопје бараме да се посветат на решавање на овој проблем до септември, односно до почетокот на академската година, при што ќе се обезбедат безбедни и функционални автобуси и ќе се обезбеди навременост на линиите, велат од ОДАС.
Бесплатниот јавен превоз важи за учениците и редовните студенти на јавните универзитети, но не и за тие од приватните.