В.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, во своето обраќање на Годишното собрание на Здружението на судии на Република Северна Македонија, одржано денеска во Врховниот суд, истакна дека судството се соочува со сериозен предизвик – судењето за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, кое има исклучителна општествена важност и правна сложеност.
Говорејќи пред колегите од Врховниот, апелациските и другите судови, како и пред членовите на Судскиот совет, Димовска нагласи дека овој процес нема да биде само тест за правната подготвеност на судиите, туку и за нивната издржливост, професионалност и независност.
„Секој од нас е свесен дека ваквите предмети се следат со големо внимание од јавноста, но тоа само дополнително ја нагласува нашата одговорност да останеме доследни на принципите на правдата и владеењето на правото“, изјави Димовска, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Таа изрази увереност дека судиите, обединети во истите вредности и стандарди, ќе покажат дека судството има сила, интегритет и знаење да се справи со секој предизвик – без притисоци, без страв и без компромиси со вистината.
„Да продолжиме да бидеме пример на професионалност, достоинство и меѓусебна поддршка. Само така можеме да ја зацврстиме довербата во нашата работа и во правосудниот систем“, додаде Димовска.
Од Кривичниот суд дополнително информираа дека од надлежните судски инстанци побарале целосна поддршка во организацијата и обезбедувањето услови за ефикасно водење на постапката, со доследно почитување на правата на странките и обезбедување присуство на јавноста. Судот упати апел и до надлежните министерства навремено да реагираат во рамки на своите ингеренции.
Судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, е закажано за 19 ноември годинава. Рочиштата ќе се одржуваат во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“.
Предметот преку системот АКМИС е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
За трагедијата се обвинети 34 физички и три правни лица. Тие се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на едно лице обвинето за примање мито при издавање лажни лиценци за функционирање на објектот како кабаре-клуб.
Првообвинети се тројца одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ“ ДОО Кочани и нејзината подружница „МММ кафе“ ДООЕЛ Кочани.
Меѓу обвинетите се и тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар, двајца поранешни министри за економија, инспектори од Државниот пазарен инспекторат, како и членови на обезбедувањето на клубот, од кои еден без лиценца за вршење на дејноста.
Според обвинението, со непреземање на своите службени обврски, обвинетите овозможиле во Кочани да функционира објект како кабаре-клуб без да ги исполнува основните безбедносни и законски услови.
На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси три месеци, а од Кривичниот суд појаснија дека доцнењето било поради технички проблеми со доставата на обвинението до адвокатите и поднесените барања за изземање на судии поради блиски односи со оштетени или застапници на обвинети лица.


