Судиите од Основниот кривичен суд Скопје упатија сочувство до колегите во Албанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судиите на Основниот кривичен суд Скопје изразуваат најдлабоко сочувство и искрена солидарност до семејството, роднините и блиските пријатели на судијата Астрит Каљаја од Тирана, Р. Албанија, кој во текот на вчерашниот ден беше кукавички убиен во судница, при извршување на неговата функција како судија.

Во овие тешки моменти, ги уверуваме судиите од Албанија, и семејството на покојниот судија, дека тие се во нашите мисли, па затоа изразуваме силна поддршка кон сите колегите судии, судската служба и целиот судски систем во Република Албанија, кои се соочуваат со болката од загубата, но и со загриженоста за безбедноста и достоинството на третата власт.

Овој суров чин не е само напад врз една личност, туку тоа е напад врз основните принципи на правдата, независноста на судството и владеењето на правото. Воедно, убиството на нашиот колега само ја потврди загриженоста на судиите во целиот регион, за нивната сигурност и достоинствено почитување на нивните права што во последните години е доведено во прашање во повеќе Балкански земји, вклучувајќи ја и Р.С. Македонија.

Во тој правец ги повикуваме сите компетентни институции во Албанија и меѓународната заедница да ги превземат сите  неопходни мерки со кои ќе ја унапредат безбедноста на судиите и судската служба при извршување на нивната службена должност, што не е ништо друго освен гарантирање на правната сигурност и заштита на Уставно загранатираните права и обврски на граѓаните на Албанија.

Ние, Судиите на Основниот кривичен суд – Скопје, веруваме дека правдата мора да победи, дека безбедноста на судиите е крајно неопходна, и дека ние сите — како судска професија и како општество мораме да стоиме цврсто во одбрана на правдата, достоинството и институционалниот интегритет.