Во текот на денешното судење за „Пулс“ се отвори спор околу достапноста на материјалните докази, по повеќе приговори од страна на одбраната. Судијата информираше дека доказите што се изведуваат не се физички присутни во судницата, ниту се наоѓаат пред судечкиот совет, судиите и судиите-поротници, туку се чуваат во друга зграда.
Поради тоа, одбраната посочи дека не е во можност непосредно да утврди кој доказ се презентира, на што се однесува, ниту дали истиот е во оригинална форма. Според нив, на овој начин се повредува правото на директен увид во доказите што се изведуваат на главната расправа.
Одбраната дополнително нагласи дека и судечкиот совет нема можност директно да провери дали приложените докази се оригинални и дали нивната содржина целосно соодветствува на она што се прикажува во судницата.
Според нив, доказите мора да бидат физички достапни во судницата за да се обезбеди проверливост и транспарентност на постапката.
Како образложение за ваквата состојба, судијата наведе безбедносни причини, односно дека не било безбедно доказниот материјал да се чува во објектот каде што се одржува судењето.
Сепак, одбраната оцени дека ова образложение не ја менува обврската доказите да бидат непосредно достапни за увид за време на расправата, посочувајќи дека во постапката се користат скенирани и фотокопирани материјали, без можност за проверка на нивната автентичност и оригиналност.
