Судир во „М-НАВ“ околу штрајкот – Тасевски: Ми навлегле во приватноста, очигледно ме следат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Апелацискиот суд ја врати на повторно одлучување во Граѓанскиот суд постапката за забрана на штрајкот во М-НАВ, инициран од синдикалците на оваа државна компанија за контрола на воздушниот сообраќај.

Правните застапници на М-НАВ велат дека Независниот синдикат без легитимно право го иницирал штрајкот минатата година, без задолжителна постапка за помирување и без барање за заштита на работниот однос.

Адвокатот Горан Николовски изјави дека не може да се парализира критичната воздушна инфраструктура поради штрајк. Тој додаде дека поднеле и кривична пријава за злоупотреба на службената положба од вработениот Тасевски, кој според него приоритет му се само лични цели, повторно поднесувајќи жалба до Граѓанскиот суд за штрајкот.

„Не станува збор за приватен живот, бидејќи господинот во својство на претседател, како овластено службено лице, дал изјава дека ќе користи платени работни денови за синдикални активности, но лицето заминало на приватен годишен одмор со својата партнерка. Јас не сум го видел, но како што има многу новинари тука, од еден новинар бил забележан на Кипар и врз основа на тоа е покрената иницијатива. М-НАВ мора да ги штити интересите на компанијата, бидејќи лицето, освен што е синдикалец, е и вработен во М-НАВ и направил материјална штета на компанијата од околу 70 илјади денари“, вели Горан Николовски.

Реагираше и претседателот на синдикатот Александар Тасевски. Тој вели дека со мешањето во неговиот приватен живот, според него преку клевети, раководството на М-НАВ врши притисоци за повлекување од предметот.

„Доколку навлегле во мојата приватност, очигледно почнале да ме следат. Претходно беше следен претседателот на ССМ, а сега јас, но нека се пријават па ќе им кажеме каде сме за да испиеме кафе. Повторувам дека нема да успеат да нè разбијат, ние ќе продолжиме со нашата борба и нема да се покориме за да им дозволиме да го водат процесот надвор од професионалните рамки… Уставно загарантирано право, не само на синдикатите туку и на секој поединец, е правото на штрајк, а ние ги почитувавме процедурите и мислам дека овој пат ќе има конечна судска одлука од Апелацискиот суд“, вели Александар Тасевски.

Независниот синдикат на М-НАВ бара почитување на договорот потпишан по најавата на штрајкот во 2023 година. Нивните барања се ангажирање консултантска фирма која професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на работењето на компанијата, вработување стручен кадар, а не, како што велат тие, партиски кадар на конкурсите за кои бараат поништување, како и подобри услови за работа.