Суд во Тајланд издаде 17 налози за апсење на лица поврзани со изградбата на облакодер што се урна за време на земјотрес во март годинава, објавија локалните медиуми.
Зградата со 30 ката, која беше во изградба и требаше да служи како седиште на Националната канцеларија за ревизија, се урна кога Бангкок ги почувствува последиците од земјотресот со јачина од 7,7 степени што го погоди соседниот Мјанмар.
Властите извлекоа 89 тела од урнатините, додека уште седум лица се сметаат за исчезнати.
Полицијата објави дека се издадени потерници за лица вклучени во проектирањето, изградбата и надзорот на работите на кулата. Меѓу назначените е и Премчаи Карнасута, поранешен претседател на една од најголемите градежни компании во земјата – „Италијанско-тајландска дивелопмент ПЛЦ“.
Локалните медиуми во четврток објавија дека истражителите откриле структурни недостатоци во шахтата на лифтот, но официјалните резултати од истрагата за причината за уривањето на зградата сè уште не се објавени.
Единствената зграда што се урна
Иако високите згради во Бангкок се тресеа за време на земјотресот, ниту една не се урна освен облакодерот на Државниот завод за ревизија, кој беше изграден од челик и сино стакло и се наоѓаше спроти познатата туристичка дестинација – пазарот Чатучак.
Зградата била во изградба три години, а проектот се проценува дека ќе чини повеќе од две милијарди тајландски бати (околу 59 милиони долари или 54 милиони евра), пред целосно да биде срамнета со земја.
Во моментот на уривањето на градилиштето имало повеќе од 400 работници. Во спасувачката операција беа користени дронови, кучиња трагачи, кранови и багери.
За потсетување, земјотресот што го погоди Мјанмар на 28 март одзеде повеќе од 3.000 животи и повреди повеќе од 4.500 луѓе, а потреси беа почувствувани и во Тајланд и југозападна Кина.
