Судот издаде забрана за одржување на штрајкот на Контролата на летање кој од еден од четирите синдикати беше најавен од 20 до 24 овој месец. Ваквата одлука Основниот суд Скопје 2 ја носи по претставка на раководството на М-НАВ од каде велат дека одлуката за штрајкот се носи и покрај неисполнувањето постапката за мирно решавање на колективните спорови како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос.
„Основниот граѓански суд Скопје на 16.10.2025 година донесе решение со кое се усвојува предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување на привремена мерка – забрана на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ-подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје“, велат од М-НАВ.
Синдикатот на контролорите на летање претходно најави дека штрајкот го закажуваат поради тоа што состојбата во претпријатието, задолжено за безбедност во авиосообраќајот, е загрижувачка и дека се вршат партиски вработувања. Но пред М-НАВ да ја објави одлуката на судот, од СУТКОЗ изјавија дека од еден од четирите синдикатите на Контролата на летање добиле информации дека остануваат на ставот за најавениот штрајк.
„Тоа е четвртиот синдикат кој што го најави тој штрајк, меѓутоа со оглед на целокупната ситуација во М-НАВ, моите информации, а и од членовите што ги имаме таму во М-НАВ, да, се останува на тоа. Ние со секој протест со секој штрајк сме обврзани за минимум извршување на основните функции на претпријатието за кое што е основано, така да и во М-НАВ основните функции би требало да се извршуваат“, порача Стојанче Кашиковски.
Кашиковски истовремено информираше и дека до утре е рокот кој синдикатот им го даде на раководствата на „Флораком“ и „Луна“ фирми ќерки на „Паркови и зеленило“ за исплата на платата за септември. Доколку тоа не се случи тие најавија дека ќе стапат во штрајк. Кашиковски рече и дека слична е состојбата и со „Комунална хигиена“.
„Утре ќе донесеме одлука дали ќе стапиме во една од иницијативите за стапување во штрајк, а другата е да се блокираат двата влеза на претпријатието. Покрај ЈП „Паркови и зеленило“ до вчерашниот ден плата немаат земено и вработените во ЈП „Комунална хигиена“. Тоа значи можеме од наредниве денови повторно да се соочиме и таму со револт поради неисплатената плата и не дај Боже Скопје повторно да потоне во смет“, вели Стојанче Кашиковски.
Од Синдикатот најавија дека по изборите, со новиот градоначалник на Скопје ќе бараат нов начин на финансирање на јавното претпријатие, бидејќи од досегашните средства кои пристигаат преку сметките на Водовод се недоволни.