Судот на Босна и Херцеговина испрати жалба на одлуката на Интерпол да не распишува меѓународна потерница по претседателот на Република Српска, Милорад Додик и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.
„Поради природата на комуникацијата со НЦБ Интерпол, Судот во овој момент може само да ја потврди информацијата дека е испратено барање преку канцеларијата на НЦБ Интерпол за ревидирање на одлуката за одбивање на барањето за издавање црвен налог на Интерпол, додека сите други околности и информации се сметаат за доверливи“, одговори Судот на Босна и Херцеговина, пренесува „Klix“.
Генералниот секретаријат на Интерпол на почетокот на април го одби барањето на Судот на Босна и Херцеговина за меѓународна потерница за Додик и Стевандиќ, повикувајќи се на член 3 од Статутот на Интерпол, кој се однесува на „политички прогон“.
Претходно и Србија и Унгарија официјално поднесоа приговор на барањето на судот на БиХ.
