Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје донесе решенија за мерки на обезбедување против пет лица осомничени за поткуп поврзан со ИПАРД програмата. Четворица од нив добија мерка притвор од 30 дена, додека за едно лице е определен куќен притвор.
Според информациите од Судот, на осомничените Џ.Н., А.Ф., Ф.Ф. и И.С. им е изречен притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото. За осомничената Ј.К. судот го прифати променетиот предлог на јавниот обвинител и ѝ определи куќен притвор. Против решенијата странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и истражители од Истражниот центар на обвинителството, вчера попладне ги лишиле од слобода петмината осомничени. Меѓу нив се и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, управител на правно лице, како и тројца посредници – вработени во УЈП и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според обвинителството, управителот на правното лице, кое не ги исполнувало условите за користење средства од ИПАРД Програмата, по претходно ветен подарок од 50.000 евра, вчера потпишал договор за користење финансиска поддршка за мерка 3. Дел од поткупот, во износ од 400 евра, бил пронајден и одземен при претрес.
Првоосомничениот Џ.Н. (77) се товари за продолжено кривично дело „давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“. Тројцата посредници – А.Ф. (44), Ј.К. (35) и И.С. (57) – се осомничени за „примање награда за противзаконито влијание“, додека Ф.Ф. (47) за „примање поткуп“.
Обвинителството утврдило дека во периодот од крајот на февруари до ноември 2025 година, првоосомничениот директно и преку посредници нудел парични средства на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка, со цел да му овозможи добивање финансиски средства од ИПАРД, иако фирмата не ги исполнувала потребните услови.
При извршени претреси на повеќе локации биле пронајдени и пари во поголема вредност, а истрагата продолжува за утврдување на потеклото и поврзаноста на пронајдените средства со кривичните дела.
