Судството до премиерот: Вашите коментари го нарушуваат демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии денеска реагираа на јавните изјави на премиерот, наведувајќи дека неговите коментари за судиите и судството ја преминале границата на доброто однесување и претставуваат неаргументирани и паушални напади.

„Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и предлози за решавање на проблемите. Неаргументираната критика само покажува намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите и ја префрла општествената апатија како вина врз судиите“, се наведува во соопштението.

Судскиот систем, како што додаваат од судските институции, никогаш не генерирал државни долгови, па не е јасна поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој е последица на задолжувањата на извршната власт. Напротив, судовите, преку наплата на паушали и парични казни, континуирано ја полнат државната каса, додека не добиваат адекватна поддршка за нови вработувања, дигитализација или опремување на судниците.

Во соопштението се потсетува и на последниот извештај на Европската комисија, кој како најголем проблем во судството го нагласува поткопувањето на независноста на судиите од страна на извршната и законодавната власт. Финансиската зависност на судството од државниот буџет, која вклучува и платите на судиите, е исто така посочена како клучен проблем кој државата мора да го реши заради европската перспектива на земјата.

„Со досегашните коментари го нарушувате демократскиот принцип на рамноправност меѓу трите власти – судска, законодавна и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судството мора да се почитуваат“, порачуваат од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.