По обвинетиот Влатко Кешишев, денеска во Кривичниот суд со свое сведочење се јави и таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет дека му давал информации на првообвинетиот Љупчо Палевски за тоа кога точно излегува за на училиште, со цел да биде грабната.
Тој рече дека не е сигурен колку психички е спремен за исказ, а почна и да плаче.
„Не сум сигурен психички колку сум спремен да дадам исказ, но сакам да дадам. Немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе од чии искази забележав дека не чувствуваат ниту вина, ниту покајание“, вели Александар низ солзи.
Како што додава тој забележал дека обвинетите демонстрираат гнев и разочарување од т.н. цар.
На прашање од адвокатот Владимир Туфегџиќ, Александар одговори дека не ги познава обвинетите, ниту на рочиштата може да ги гледа, па затоа мижи на судењата.
„Знаев само дека пред години, се крена врева околу објектот ‘Тифани’ во чија близина живеев јас, не го знаев како Палевски, туку како Упа, како што му беше фирмата. Само сум слушнал за него, не го познавам. За Палевски дознав вечерта кога ме задржаа во полициска станица. За останатите имињата ми беа кажани во воведниот збор на обвинителката Жаклина и нив и ден денеска ги мешам”, одговори таткото на убиената Вања.
Во однос на тоа дали бил нарко зависник, Александар одговори потврдно и кажа дека тоа било од 1993 до 1995 кога неговата генерација ја зафатило епидемија од наркозависности.
„Побарав помош од семејството, не беше тоа тајна. Сам најдов клиника за детоксикација во Турција. Потоа се рехабилитирав со помош на семејството и на работодавците. Оттогаш до денеска немам никаков контакт ни со супстанцата, ни со луѓето со кои комуницирав”, рече Александар.
Тој во продолжение сведочеше и каде работел, односно дека не бил толку страден за пари па да учествува во грабнување на неговото дете, за потоа да се бараат пари.
Додаде и дека немал долгови, а отказ си дал на први март односно 9 месеци пред грабнувањето на неговата ќерка.
