„Заедно сме посилни, за сè има решение, заедно да ги надминеме сите ситуации.“
Со мотивациони пораки залепени на постери, така беше одбележан Светскиот ден на менталното здравје на плоштадот „Македонија“, во организација на Универзитетската клиника за психијатрија.
Директорката Славица Арсова рече дека психолозите и психијатрите ќе бидат достапни за секој граѓанин со цел заеднички да се решаваат проблемите.
„Она што е важно е подигањето на свеста за менталното здравје, односно приближувањето до луѓето. Затоа го правиме ова отворено, не зад затворени врати, туку овозможуваме тоа да биде јавно и достапно, за психијатрите, психолозите, социјалните работници и сите здравствени работници што се занимаваат со ментално здравје да бидат видливи и достапни за секој граѓанин.“, вели Славица Арсова.
Невропсихијатарот Антони Новотни порача дека е неопходна комуникација меѓу луѓето, бидејќи човекот е социјално суштество.
„Со слушање, разговор, достапност и присуство за луѓето кои се во криза, се создава лековит фактор и можност за надминување на кризите.“, вели Антони Новотни.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека превенцијата за заштита на менталното здравје е вклучена во нивната програма, бидејќи матичните лекари ќе имаат задача да спроведуваат превентивни прегледи на своите пациенти.
„Она што Фондот го направи оваа година е тоа што, за првпат, состојбите на менталното здравје се вклучени во превентивните прегледи кај матичните лекари, што значи рано откривање на депресијата кај младите под 35 години како превентивна цел, а матичните лекари низ целата земја ќе имаат задача да прегледаат дел од осигурените граѓани и да откријат вакви состојби.“, вели Сашо Клековски.
Според податоците на СЗО, секој осми жител во светот страда од некаков ментален пореметување, а во нашата земја, според некои истражувања, околу 30 од 100 лица се борат со депресија, а околу 24 од 100 со модерната болест – анксиозност.