Свлечишта во тетовско Ѓермо – проблем кој трае повеќе од три децении, селото се празни

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Тетовското село Ѓермо секоја година се соочува со слечишта, појава која претставува опасност за селаните. Пред неколку дена, општината Тетово заедно со ЈП „Македонски шуми“, ветија 30 илјади багремови садници со цел да се избегнат ваквите свлечишта. 

„Од она што можете да го видите зад мене, можете да забележите дека ниту засадувањето багреми не може да го реши проблемот на овие жители“, вели репортерот на ТВ21.

Испукани куќи и урнати ѕидови се глетката која доминира во ова село, причина поради која жителите одлучиле да ги напуштат нивните домови и да се преселат в град или пак во некое друго село. Мештаните велат дека во Ѓермо сега за сега има само 80 населени куќи, а останатите 700 се празни. Претседателот на месната заедница на селото, Рухан Адиљи, рече дека состојбата со одроните датира уште во 1968-та, но дека во последните 30-тина години интензитетот станувал се посилен. Тој ги повикува политичките партии да не даваат празни ветувања, бидејќи како што објаснува, селото се празни од ден во ден.

„Колку за реклами секоја година доаѓаат и се рекламираат, даваат ветувања, а реализација нема. Има решенија, секако ако има национална волја, последното решение е само потпорен ѕид. Апелираме да не се рекламираат, бидејќи засадувањето багреми не се цвеќиња на плоштад за да ги залажуваат селаните. Нѐ измамија, бидејќи ние живееме тука, залудно е садењето“, посочува Рухан Адиљи.

Реката која поминува околу селото е една од најбрзите на Балканот. Таа секоја година предизвикува штети, не само во ова село, туку и во Порој, а ги уништува и културите во Требош. Од општина Тетово велат дека УНДП ја завршила физибилити студијата за изградба на браните, но финансиските средства треба да се обезбедат со помош на Владата. И додека да се случи тоа, жителите се плашат дека нивното село целосно ќе исчезне.