Свлечиштето во селото Шипковица, Тетово, загрозува четири куќи. Синоќа, околу три часот по полноќ, четири семејства беа приморани да ги напуштат своите домови и да се сместат кај роднините.
Ги посетивме денес и жителите велат дека се исплашени, бидејќи од горниот дел земјата се лизга, а во долниот дел има поток кој во 2015 година предизвика трагични поплави што одзедоа човечки животи.
Тие апелираат до институциите за итна интервенција, бидејќи не можат долго да останат кај роднините.
„Синоќа се излизга ова, во три по полноќ. Моментално не сме дома, кај брат ми сме. Како ќе биде во иднина, не знаеме, но засега е вака. Ние не можеме да процениме, тоа го проценуваат компетентните инженери. Се гледа – земјата се лизга, тоа е јасно. Вчера беа сите: Центарот за управување со кризи, полицијата, општината. Имаше и инженер и ни рекоа дека ќе преземат мерки. Советот го има одобрено уште претходно, и за потокот имаат кажано, но до ден денес не е направено. Проектот е завршен и требаше да биде реализиран.“, вели Мумин Велија.
„Бараме да го поправат што побрзо, да не се излизга сè надолу, да не ни ја однесе земјата целосно.“, порача Егзон Куртиши.
„Загрозен е и животот, нема што многу да се зборува. Што прават? Инспекторатот и полицијата ги евакуираа семејствата и ги преместија на друго место. Тука е работа на институтот. Од 2015 ни ветуваат. И проект има, но не го завршиле – 110 метри ги оставиле на милост и немилост. Иако имаше претставка, УНДП и Амбасадата на Швајцарија – имаме поднесено барање, ни вратија одговор, но општината и Министерството за екологија не презедоа ништо. Од двете страни сме загрозени. Понатаму нема што да зборуваме.“, вели Ислам Делија.
Од Општина Тетово, во писмен одговор, велат дека се запознаени со ситуацијата и дека ја следат одблиску, без детали за следните чекори:
„Кризен штаб на Општина Тетово, во соработка со Центарот за управување со кризи, одблиску ја следи ситуацијата во Шипковица, каде што, како резултат на свлечиште на земјиште, четири куќи се загрозени. Исто така, членовите на четирите семејства веќе се евакуирани и се засолнети кај нивните роднини. Вкупно 17 лица ги напуштија своите домови“, велат од Општина Тетово.
Во поплавите во 2015 година во Шипковица животот го загубија четири лица. И по 10 години, жителите на Шипковица, секогаш кога има врнежи, живеат во страв од нови можни поплави.
