Тачи им подаде рака на Ахмети и ДУИ – се прави „пазар“ за директорски позиции во локалните институции

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако 20 години беше против политиките на ДУИ, сега Претседателот на ДПА се предмислил. Вчера во Клик Плус изјави дека ја поддржува ДУИ откако во јавноста имаше гласини дека се подготвува ново парламентарно мнозинство. Како што рече, в сабота се сретнал со Ахмети и разговарале неколку часа. Додаде дека со Ахмети се договорил на ДПА да му се дадат неколку директорски позиции во локални институции во неколку општини.

„Јас имам договор со ДУИ, долгорочен договор, со анекси и не е краткорочен. Првиот анекс со ДУИ подразбира значителен број на кадарот на ДПА да управува со локални институции во неколку општини, но со апсолутно мнозинство во Тетово, поради поддршката која и ја дава ДПА на кандидатот на ДУИ“, истакна Мендух Тачи.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, ниту ги потврди ниту ги негираше изјавите на Тачи за поделба на директорските позиции и заминувањето на Движење Беса од Влада. Само кратко одговори дека во понеделник ќе излезат со став.

„Во понеделник ќе ги презентираме новините во тој правец“, вели Бујар Османи.

Но зошто Тачи го смени мислењето по толку години против ДУИ?

„Јас се договорив со ДУИ заедно треба да го прекинеме патот на добивање легитимитет преку македонските политички сили, нешто што го прават Билал и Зијадин. Прво јас ја поддржувам ДУИ и во текот на кампањата бев конзистентен со овие изјави. Изјавив во текот на кампањата дека додека јас делувам во политиката никогаш нема да дозволам предавникот Зијадин, кој го предаде неговиот тим, неговото семејство, да победи на избори“, посочи Мендух Тачи.

Тачи додаде дека ДУИ оствари спектакуларна победа и на овој изборен циклус. Според него со добиените гласови на локалните избори, ДУИ ќе обезбеди 21 пратеника на парламентарни избори.