Тачи во „Клик Плус“: „Во Владата влегуваме само ако се деблокира интегративниот процес“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, во синоќешната емисија Click Plus соопшти дека сè уште нема добиено покана од премиерот за да биде дел од Владата. Тој испрати јасна порака дека е подготвен да стане дел од Владата само ако се стави на дневен ред деблокирањето на интегративниот процес, а за другите теми нагласи дека е подготвен да преговара.

„Јас сум подготвен да седнам со премиерот, да го поддржам премиерот, да ја поддржам Владата, да го поддржам ВЛЕН ако го стават на дневен ред деблокирањето на интегративниот процес. Со тој еден пратеник што го имам. За другото сум подготвен да разговараме, но по тоа. Никаква покана немам добиено“, вели претседателот на ДПА, Мендух Тачи.

Тачи истакна дека по Нова година, Владата и премиерот ќе се соочат со голем притисок кој може да ги натера да направат компромис за отворање на преговорите. Тој додаде дека некои политички актери може да изберат предвремени избори за да го избегнат овој компромис.

„Мислам дека по Нова година, Владата и премиерот ќе имаат голем притисок кој ќе ги натера да одат кон компромис за отворање на преговорите, а овие за кои се сомневам дека сакаат предвремени избори, мислам дека може да го видат тоа како излез за да избегнат компромис и потоа да одат на предвремени избори“, вели претседателот на ДПА, Мендух Тачи.

Тачи зборуваше и за реорганизацијата на ДПА, каде што најави дека неговата партија ќе се врати посилна и како сериозна политичка сила. Тој верува дека меѓународната заедница ја гледа ДПА како важен политички фактор, и покрај претходните недоразбирања со нив.